Print this page
Недела, 09 Ноември 2014 16:17

Вакцинации

Центарот за јавно здравје веќе неколку години наназад на жителите од регионот им овозможува да се вакцинираат против сезонскиот грип. Оваа вакцина е безбедна, ефикасна и најсигурна мерка за превенција на грипот и за редуцирање на импактот (последиците) од епидемија.

Вакцинации

За луѓето кои се во посебен ризик, Светската Здравствена Организација препорачува спроведување на вакцинација на годишно ниво, како најдобра  стратегија за намалување на морбидитетот и морталитетот кои се асоцирани со грипот.

Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Против грип е пожелно да се вакцинираат сите луѓе кај кои не постојат пречки (контраиндикации) за вакцинација. Сепак, постојат таканаречени “приоритетни ризични групи”, на кои посебно им се препорачува редовна вакцинација со вакцина против грип секоја година, во која спаѓаат лицата над 65 години, лица со хронични форми на заболувања, лица со нарушен имунитет, бремени жени, како и деца и помлади лица кои се на долготрајна салицилатна терапија (аспирин) поради некоја друга основна болест.

Најдобро е вакцината да се прими пред почетокот на сезоната на грип (октомври, почеток на ноември), за да може организмот да развие имунитет навреме. Не е штетно или недозволено да се прими вакцина и подоцна во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен.

И одговор на најчесто поставуваното прашање, дали оваа вакцина е безбедна?

Вакцината против грип е безбедна вакцина. Пред да биде одобрена нејзината примена кај населението, таа ги помнала сите фази на испитување од страна на надлежните институции во однос на нејзината сигурност, безбедност и ефикасност. Употребата на ова вакцина во изминатите 60 и повеќе години и позитивните ефекти од таа примена кај милиони вакцинирани лица, ја вбројуваат во редот на безбедни и сигурни за употреба вакцини.